Глобалната глад денес е поголема отколку во 2015 година, се наведува во последниот извештај на ОН, а светот е далеку од исполнување на амбициозната цел на Обединетите нации за ставање крај на гладот до 2030 година.
На половина од крајниот рок поставен за исполнување на целите на Агендата за одржлив развој до 2030 година, има мало или никакво подобрување кај повеќето зацртани цели поврзани со храната и земјоделството. Овие информации се од Извештајот на Организацијата за храна и земјоделство објавен пред Самитот на ОН за одржлив развој што ќе се одржи во Њујорк следната недела.
„Трајните ефекти од пандемијата на коронавирус, заедно со другите кризи, како што се климатските промени и вооружените конфликти, имаат широко распространети последици“, се вели во Извештајот. „Напредокот постигнат во последните две децении стагнира, а во некои случаи е во обратна насока“.
Глобалната несигурност во храната нагло се зголеми во 2020 година, бидејќи пандемијата со Ковид-19 ги наруши пазарите на храна и ја зголеми невработеноста, но стапката на гладот не се врати на нивоата пред пандемијата.
Околу 29,6 отсто од светското население, или 2,4 милијарди луѓе, биле умерено или сериозно несигурни во снабдувањето со храна во 2022 година, во однос на 1,75 милијарди во 2015 година, предупредува Извештајот.
Неухранетоста е најлоша на глобалниот југ, а гладот најмногу расте во субсахарска Африка.
Исто така, нема напредок кон целта за преполовување на фрлањето храна – се уште се фрлаат околу 13 отсто колку и во 2016 година.
Светот е далеку и од постигнување на целите за заштита на рибниот фонд, зачувување на шумите и намалување на деградацијата на земјиштето, но постигнат е одреден напредок во однос на ефикасноста на користењето на водата и сузбивањето на нелегалниот риболов.