До 80 отсто од Израелците веруваат дека премиерот Бенјамин Нетанјаху мора да ја преземе одговорноста за безбедносните пропусти откриени со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, според анкетата за весникот „Маарив“, чии резултати беа објавени денеска.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, директорот на военото разузнавање и директорот на разузнавањето Шин Бета признаа дека нивните служби не успеале да го спречат нападот во кој загинаа речиси 1.400 Израелци, најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на Израел.
Коалициониот партнер на Нетанјаху, министерот за финансии Безалел Смотрич, исто така, рече дека владините и безбедносните лидери не успеале да ја заштитат земјата, но Нетанјаху допрва треба отворено да ја преземе одговорноста.
Нетанјаху оваа недела изјави дека има многу прашања за нападот на 7 октомври и дека „ќе истражи сè детално“.
Дури и мнозинството гласачи во неговата владејачка партија Ликуд, 69 отсто, веруваат дека тој треба да преземе одговорност.
Исто така, 48 отсто од испитаниците рекле дека поранешниот министер за одбрана Бени Ганц, лидерот на опозициската центристичка партија, кој ѝ се приклучи на владата на национално единство минатата недела, ќе биде подобар премиер, во споредба со само 28 отсто од испитаниците кои веруваат во Нетанјаху. .
Истражувањето исто така покажа дека 65 отсто од Израелците ја поддржуваат очекуваната израелска копнена инвазија на Газа.
Истражувањето е спроведено на 18 и 19 октомври меѓу 510 испитаници со маргина на грешка од 4,3 отсто, наведува Ма’арив.