Седум месеци откако белгиската полиција во декември минатата година приведе актуелни и поранешни европратеници и членови на нивните семејства и соработници и заплени 1,5 милиони евра, што го означи почетокот на аферата за примање пари за купување влијание, позната како „Катаргејт“, Европскиот парламент се подготвува да изврши само некои промени во правилата за етичко однесување, без да преземе конкретни мерки против оваа појава, оценува бриселскиот портал „Политико“.
Дури и обвинетите европратеници Ева Каили и Марк Тарабела, по притворот, се вратија во Европскиот парламент и дури гласаа за предложените промени на етичките правила, што нема да ги ублажуаат последиците од скандалот, кој нејаверојатно ќе биде главна тема на евроскептичните партии во кампањата за евроизборите во јуни следната година.
– Иако Парламентот може да тврди дека има некои ограничени подобрувања, повиците за подлабока ревизија на единствената директно избрана институција на ЕУ, вклучително и посериозно спроведување на постоечките правила, беа проследени со посочување на одговорните, префрлање на вината и бирократски процедури. Парламнетот одби да покрене сопствена истрага за тоа што навистина се случило, одлучи да не ги обврзува европратениците да го пријават својот имот и нема да им ги одземе пензиите на евентуално осудените европратеници, наведува „Политико“.
Според порталот, наместо конкретни чекори, Европраламентот ќе ги промени етичките правила за европратениците, што ќе овозможи зголемување на бирократијата, но не и гаранција за нивно почитување.
Новите правила, кои се очекува Европрламентот да ги усвои во крајната фаза во септември, меѓу другото, предвидуваат зајакнување на транспарентноста, пријавување на надворешни приходи повисоки од 5.000 евра и на потенцијални судири на интереси на европратениците, вклучително и оние поврзани со нивниот „емотивен живот“, како и зголемени казни за прекршителите, меѓу кои и губење на правото на дневниот надомест за парламентарната работа и до 60 дена.
Поранешниот европратеник Ричард Корбет, кој е коавтор на извештајот од истрагата за „Катаргејт“, што ја спроведе пратеничката група на Социјалистите и демократите (СД), чии членови се европратеници осомничени за поврзаност со скандалот, изјави дека се залага за „поагресивни реформи“, но изрази сомнеж дека Европраламентот ќе го стори тоа.
– Парламентот постепено се справува со ова, пробивајќи го својот пат низ сложеното поле, но прерано е да се каже дали ќе го направи она што треба, рече Корбет.
Францускиот европратеник Рафаел Глуксман, подготвува предлози за препораки за зајканување на контролата и се надева дека Евроапарламентот ќе ги прифати.
– Никогаш нема да можеме да ги спречиме луѓето да земаат торби со готовина. Тоа е во човечката природа. Она што треба да го направиме е да создадеме заштитна мрежа, изјави Глуксман.
Но, според „Политико“, Европскиот парламент наместо да гледа „да го расчисити својот двор“, прстот го впери во „малигни актери поврзани со автократски трети земји“, со што акцентот го стави на странското мешење, а не на „дефицитот на интегритет“ на европратениците. Дури и претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола, порача дека „демократијата на ЕУ е под напад од странски сили“.
Во меѓу време, во рамки на истрагата за „Катаргејт“, што ја спроведуваат белгиските власти и која е се уште во тек, тројца актуелни европратеници се обвинети за корупција, перење пари и организиран криминал осомничени дека биле „под влијание на владите на Катар, Мароко и Мавританија“, додека еден поранешен пратеник се изјасни за виновен по овие обвинување со договор за поблага казна и обелоденување на идентитетите на оние што ги поткупил, како и на оние кои соработувале со него во заговорот.
– Засега се уште останува непознато и како функционирал системот за поткуп на европратениците и што навистина добиле земјите Катар, Мароко и Мавританија за даденото мито, додава „Политико“.