Новaтa еврокомесарка за проширување: Мојот сон е целиот Западен Балкан да се интегрира во ЕУ

Screenshot-2024-12-05-184628.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос денеска во Брисел изјави дека нејзин сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во ЕУ.


Таа посочи дека проширувањето не е само технички процес, туку дека тоа значи обединување на Европа.

„Се работи за луѓето“, заклучи Кос на состанокот ЕУ-Западен Балкан, чиј домаќин беше организацијата „Пријатели на Европа“.

Кос рече дека постои реална перспектива дека за време на мандатот на актуелната комисија, еден или повеќе кандидати за членство во ЕУ ќе бидат доведени на „финишот“.

„Ова е и моја лична мисија“, рече Кос и додаде дека новата комисија е „Комисија за проширување“.

Таа, исто така, посочи дека ќе направи се за да помогне „билатералните спорови од минатото трајно да не стојат на патот на нашата заедничка иднина“.

„Мојот сон е целиот Западен Балкан да биде интегриран во оваа Унија и да видиме дека границите и билатералните конфликти исчезнуваат, исто како што се во многу други делови на нашиот континент. Ќе дадам се од себе да помогнам билатералните спорови од минатото да не стојат трајно на патот на нашата заедничка иднина“, рече Кос.

Таа нагласи дека смета дека е нејзина одговорност да биде „најдобриот застапник на идните членки“ и рече дека проширувањето на ЕУ е процес заснован на заслуги, заснован на демократија и владеење на правото.

„Но, ако кандидатите дадат резултати, сакам тоа да одговара на нивните напори. Ќе го посветам, заедно со мојот тим, целото мое искуство и енергија на подобрување на овој процес што е можно побрзо и поефикасно. И имам поддршка. Новата Комисија е Комисијата за проширување“, рече таа.

Таа, исто така, посочи дека претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, го задолжила секој член да има активна улога во поддршката на земјите кандидати.

„Ова значи дека нашите кандидати можат да сметаат на експертизата и посветеноста на сите делови на комисијата. Во Брисел има единство околу изградбата на поголема и посилна Европа“, рече Кос.

Таа додаде дека пристапните преговори бараат интензивен напор од целото општество и додаде дека кога ќе го посети Западен Балкан и другите земји во процесот на проширување, ќе се обиде да се сретне со сите.

„Сакам да патувам надвор од главните градови. Ќе сретнам бранители на човекови права, моќни жени, бидејќи граѓанските организации се важно сврзно ткиво меѓу владите и луѓето, кои ги засилуваат гласовите, ги штитат правата и имаат моќ да повикуваат на одговорност“, рече Кос.

Кос рече и дека прашањето не е само што ќе им донесе ЕУ на земјите кои се во процес на проширување, туку и што можат да направат за да придонесат за посилна и побезбедна Европа.

Потсетувајќи дека во неделата била во Киев, таа изјави дека таму ја пренела пораката дека украинскиот народ може да смета на неа да биде дел од нивниот тим и да им помогне да го подготват своето место во ЕУ.

„Истото им го кажав на сите лидери од Западен Балкан со кои се сретнав оваа недела“, изјави Кос.

Генералниот директор на Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, Герт Јан Копман, рече дека проширувањето се враќа бидејќи сите нови инструменти „стапуваат во функција“, вклучително и Планот за раст за Западен Балкан.

Истовремено, тој изрази надеж дека овој месец ќе се одржат три меѓувладини конференции, меѓу кои и затворањето на четири поглавја со Црна Гора, пренесуваат медиумите во регионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK