Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека неговата земја е „во војна на повеќе фронтови против злобната оска на Иран“ и дека е „подготвена за секое сценарио – и офанзивно и одбранбено“.
„Повторувам и им кажувам на нашите непријатели: ќе одговориме и ќе наплатиме висока цена за секој чин на агресија против нас, од која било страна“, додаде израелскиот премиер.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска разговараше со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и го информираше за „подготвеноста на израелската војска да го брани Израел од потенцијалните закани од Иран и неговите полномошници“, се вели во соопштението на израелската влада.
„Ние сме многу силно подготвени во одбрана, на копно и во воздух и подготвени сме да нападнеме или брзо да одговориме. Ќе бараме цена од непријателот, како што направивме во последните денови. Доколку се осмели да не нападне, ќе плати висока цена“, рече денес Галант.