Нетанјаху: Ослободувањето на директорот на болницата „Ал Шифа“ во Газа е сериозна грешка

Нетанјаху-Газа-треба-да-биде-управувана-од-оние-кои-не.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ослободувањето на уапсениот директор на болницата „Ал Шифа“ во Газа е „сериозна грешка и етички неуспех“.


Израелските министри и високите безбедносни функционери си ја префрлаат вината еден на друг, тврдејќи дека не се одговорни за ослободувањето на директорот на најголемата болница во Појасот Газа.

„Тој човек, под чија одговорност беа чувани и убиени нашите заложници, треба да биде во затвор“, рече Нетанјаху во изјавата, пренесоа израелските медиуми.

Тој нареди истрага како се случило директорот на болницата Мухамед Абу Селмија да биде пуштен на слобода.

Шефот на израелската служба за безбедност Ронен Бар утре ќе му ги презентира на Нетанјаху резултатите од истрагата, соопштија од кабинетот на премиерот.

Израелскиот лидер нагласи дека одлуката за ослободување на Абу Селмија е донесена без знаење на политичкиот ешалон и шефовите на безбедносните агенции.

Премиерот на Израел формира меѓуагенциско тело составено од Министерството за одбрана, израелската армија, Службата за безбедност и Советот за национална безбедност, кое ќе служи за одобрување на ослободување на затворениците чија истрага е завршена.

Абу Селмија, лекар во болницата, беше уапсен од израелски војници во ноември под сомнение дека му дозволил на Хамас да ја користи болницата во главниот град Газа како центар на операции.

Тој беше уапсен додека се обидуваше да се евакуира на југот на Појасот Газа преку хуманитарниот коридор контролиран од војската и беше одведен на сослушување во службата за безбедност Шин Бет, пренесуваат светските медиуми.

Тој утрово беше вратен во Газа со уште 54 палестински затвореници.

Абу Селмија беше ослободен без обвинение и судење, а Нетанјаху рече дека одлуката за негово ослободување е донесена по петиција на организација за човекови права.

Тие организации тврдеа дека центарот за притвор бил преполн и дека Палестинците биле малтретирани таму, пренесува „Асошиејтед прес“. Ова ја натера владата да префрли поголем дел од палестинските затвореници во други затвори и да ослободи некои.

Директорот на болницата Шифа рече дека бил држен во тешки услови и мачен. Тој и другите палестински здравствени службеници ги негираа израелските обвинувања.

Болницата Шифа беше нападната од Израел двапати од почетокот на војната против Хамас во Газа на 7 октомври минатата година.

„Кој од затворениците ќе биде ослободен, независно одлучуваат безбедносните службеници, врз основа на професионални проценки“, напиша Нетанјаху во повикот за истрага.

Абу Селмија на прес-конференцијата по неговото ослободување рече дека мачењето било речиси секојдневно и дека биле мачени и други палестински затвореници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK