Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека Израел не сака да ја освои, окупира или владее Газа по војната против Хамас, туку дека ќе биде потребна „кредибилна сила“ за да влезе на палестинската територија за да се спречи појавата на милитантни закани.
Нетанјаху претходно оваа недела предложи дека Израел ќе биде одговорен за безбедноста на Газа на неодредено време, пишува „Гардијан“.
„Не сакаме да ја освоиме Газа, не сакаме да ја окупираме Газа и не сакаме да управуваме со Газа“ објави во четвртокот израелскиот премиер во интервју за „Фокс њуз“.
Нетанјаху рече дека на таа територија ќе треба да се формира цивилна влада, но дека Израел ќе се погрижи нападите на Хамас од 7 октомври да не се повторат.
„Затоа, мора да имаме кредибилна сила која доколку е потребно ќе влезе во Газа и ќе ги ликвидира убијците. Затоа што на овој начин ќе спречиме повторно појавување на организација слична на Хамас“, рече Нетанјаху.