Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес изјави дека Израел ќе ја заштити слободата на пловидба и безбедноста на поморските трговски патишта.
„Поставив едноставна цел. Целта на морнарицата, како и на Израел, е да ги обезбедат поморските патишта и слободата на поморската трговија, кои се од клучно значење за Државата Израел“, рече Нетанјаху за време на посетата на поморската база во Хаифа, објавува „Тајмс оф Израел“.
Според израелскиот портал, неговата изјава дојде во време кога Иран продолжува со нападите врз танкерите во Ормускиот теснец, а јеменската бунтовничка група Хути, која е поддржана од Иран, испраќа нови закани до израелските бродови во Црвеното Море.
Британската агенција за поморски трговски операции (UKMTO) претходно денес објави дека танкер бил погоден од неидентификувана ракета додека пловел низ Ормускиот теснец.
Според „UKMTO“, се верува дека танкерот претрпел структурни оштетувања, но дека немало повредени или загадување на животната средина во инцидентот, објави Ројтерс.
Индиректните преговори меѓу САД и Иран, одржани минатата недела во главниот град на Катар, Доха, завршија без голем напредок по прашањето за Ормускиот теснец.
Иран ги предупреди бродовите да не минуваат низ Ормускиот теснец преку јужната рута во оманските води, нагласувајќи дека секој премин низ водниот пат мора да биде координиран со иранската војска, пренесува Танјуг.