Израел ќе има целосна одговорност за безбедноста во Газа на неодредено време по завршувањето на војната со Хамас, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во интервју за Еј-би-си Њуз.
„Газа треба да биде управувана од оние кои не сакаат да продолжат по патот на Хамас“, рече Нетанјаху.
„Мислам дека Израел, на неодреден временски период, ќе ја има севкупната одговорност за безбедноста. Кога ја немаме таа безбедносна одговорност, она што го имаме е ерупција на теророт на Хамас од размери што не можевме ни да ги замислиме“, додаде тој. Нетанјаху повтори дека Израел нема да дозволи генерален прекин на огнот додека Хамас не ги ослободи сите заложници.
Сепак, Нетанјаху рече дека е подготвен за кратки паузи. „Што се однесува до тактички мали паузи, еден час овде, еден час таму, ги имавме и претходно. Ќе ги провериме околностите за да дозволиме влез на хуманитарна стока или да дозволиме излез на нашите заложници. Но, мислам дека нема да има општ прекин на огнот“, рече тој.
Нетанјаху се осврна и на улогата на Иран и на милитантната група Хезболах поддржана од Техеран, предупредувајќи ги да не се мешаат повторно. „Мислам дека сфатија дека ако тргнат во војна на значаен начин, одговорот ќе биде многу, многу силен и се надевам дека нема да ја направат таа грешка“, изјави Нетанјаху за Еј-би-си.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД Џон Кирби ја коментираше изјавата на израелскиот премиер. „Она што ние го поддржуваме е дека Хамас повеќе не може да ја контролира Газа. Имаме дискусии со нашите израелски колеги за тоа како треба да изгледа владеењето во Газа по конфликтот и не верувам дека е постигнато никакво решение на еден или на друг начин“, додаде тој.