Земјотрес со јачина од 7,1 степени е регистриран на истокот на Индонезија, во близина на Молуку, соопшти Американскиот геолошки институт, наведувајќи дека епицентарот бил далеку од брегот и дека не е активирано предупредување за цунами.
Прво, јачината на земјотресот беше регистрирана како 6,9 степени, а потоа американскиот институт ја зголеми на 7,1.
Засега нема извештаи за штети или жртви.
Земјотресот се случил во 11:53 часот по локално време, на длабочина од 10 километри, на околу 345 километри од островот Амбон, а не е издадено предупредување за цунами, соопшти американскиот институт.
Земјотресот е почувствуван во градот Саумлаки, на островите Танимбар, а послабо на островот Амбон, објави Индонезиската геофизичка агенција.
„Земјотресот беше доста силен, но луѓето тука не ги фати паника. Навикнати сме на земјотреси. Посебно кога немаше предупредување за цунами, животот се нормализираше“, вели жител на Саумлаки.
Сеизмичките и вулканските феномени се чести во Индонезија поради нејзината положба на „огнениот појас“ во Пацификот, каде се судираат тектонските плочи.