НАТО не гледа никакви индикации дека Русија о сменила својот нуклеарен став по изјавите на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, дека неговата земја добила нуклеарно оружје од Москва, кое не се плаши да го употреби, соопшти денеска генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.
Лукашенко завчера рече дека нема да се двоуми да нареди употреба на руско тактичко нуклеарно оружје, кое би требало да биде распоредено во Белорусија, доколку неговата земја биде нападната.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно оваа година соопшти дека планира да распореди нуклеарно оружје со краток дострел во Белорусија и нагласи дека Москва ќе ја задржи контролата врз тоа оружје.
– Ние, се разбира, внимателно следиме што прави Русија. Досега не видовме никакви промени во нуклеарниот став што бара некакви промени во нашиот став, им рече Столтенберг на новинарите пред да почне да претседава со состанокот на министрите за одбрана на НАТО во седиштето на Алијансата во Брисел.