Американскиот претседател Џо Бајден повика на прекин на огнот во Газа за време на разговорите со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Вашингтон, пренесува Ројтерс. Ова беа први приватни разговори меѓу двајцата политичари откако Бајден отпатува во Израел по нападот на Хамас на 7 октомври, кога го прегрна Нетанјаху и вети американска поддршка.
Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека сè уште има разлики меѓу Израел и милитантите на Хамас кои владеат со палестинската енклава за тоа како да се постигне примирје „но ние сме поблиску до тоа сега отколку кога било“.
„Двете страни мора да направат компромиси“, рече Кирби.
Портпаролот на Стејт департментот Мет Милер верува оти пораката од американската страна на тој состанок ќе биде дека треба да се направи мировен договор.
Посетата се совпаѓа со промената во американската политика. Во неделата, Бајден (81) се повлече од претседателската трка под притисок на другите демократи и ја поддржа Камала Харис за претседателската номинација на Демократската партија во 2024 година.
„Имаме многу теми за разговор“, рече Бајден кога се сретна со Нетанјаху во Овалната соба.
„Сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50-годишната поддршка за државата Израел“, му рекол Нетанјаху на Бајден. Потпретседателката Камала Харис исто така се состана со Нетанјаху во нејзината свечена канцеларија во Белата куќа.
Нетанјаху денес патува за Флорида за да се сретне со поранешниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп.