Европската унија мора да се подготви за проширување, а земјите кандидати да ги исполнат критериумите, изјави денеска во Гранада претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во пресрет на почетокот на неформалниот самит на ЕУ на кој ќе се отвори дискусијата за новата европска стратегија. Мишел рече дека самитот на Европската унија во Гранада е многу важен бидејќи ќе иницира дискусија за стратешката агенда на Европската унија, а дискусијата ќе се води во три насоки.
„Прво – што сакаме во иднина, кои ќе бидат нашите приоритети и заеднички политики, земајќи ги предвид плановите за проширување. Второ – како ќе одлучуваме заедно и трето – како ќе плаќаме за заедничките политики и иницијативи во иднина , изјави претседателот на Европскиот совет.
Црна Гора и Србија водат преговори со години, Северна Македонија и Албанија официјално ги отворија дури минатата година. Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во декември минатата година, половина година по Украина и Молдавија, а овие одлуки беа забрзани со руската инвазија на Украина. Косово и Грузија имаат статус на потенцијален кандидат. Преговорите на Турција со Унијата се блокирани од 2018 година и нема знаци дека тие би можеле да заживеат.
„Проширувањето значи дека земјите-кандидати треба да спроведат реформи, тие знаат што треба да направат. А Европската унија треба да се подготви“, нагласи Мишел. Хрватскиот премиерот Андреј Пленковиќ смета дека декларацијата од самитот во Гранада ќе содржи позитивен и отворен јазик за процесот на проширување на Европската унија.
„Со оглед на тоа што Хрватска последна влезе во Европската унија, а таму е десет години, ние со нашето знаење и помагаме на Југоисточна Европа, како и на Украина и на Молдавија“, додаде Пленковиќ. Двете страни имаат своја домашна задача, рече естонската премиерка Каја Калас, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој често се судира со Брисел, ги обвинува лидерите на ЕУ дека се себични во однос на Грузија.