Соединетите Американски Држави погодија пет подземни складишта за муниција на Хутите во Јемен користејќи стелт стратешки бомбардери Б-2, објави синоќа американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
„Американските сили гаѓаа неколку подземни објекти во кои се сместени неколку видови оружје што го користат Хутите за напади на цивилни и воени бродови низ целиот регион“, рече Остин.
Ова е прва позната употреба на бомбардери Б-2 од страна на американските сили од почетокот на нивните напади врз Хутите, група поддржана од Иран.
„Употребата на стелт-бомбардерите со долг дострел B-2 Spirit ја демонстрира способноста на Америка да напаѓа во секое време и каде било“, додаде Остин.
Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, со месеци вршат напади врз Израел и врз бродовите наводно поврзани со нив, тврдејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со палестинското исламистичко движење Хамас.
Како одговор, САД и Обединетото Кралство редовно започнуваат напади против Хутите, но во оваа фаза не успеаја да ги уништат оперативните способности на движењето.