Осомничениот за пукањето во близина на израелскиот конзулат во Минхен е убиен во размена на оган со полицијата, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Баварија, Јоаким Херман, а станува збор за исламист кој од претходно и бил познат на полицијата.
„Мораме да претпоставиме дека нападот врз израелскиот генерален конзулат можеби бил планиран утрово“, рече Херман.
Како што пренесува „Билд“, станува збор за Емрах И. (18) роден во Австрија, по потекло од Босна и Херцеговина.
Во 2023 година беше пријавено дека е член на терористичка организација и дека ја шири пропагандата на Исламската држава.
Австриските власти на неговиот мобилен телефон пронашле исламистичка пропаганда, а при нападот освен огнено оружје имал и бајонет.
Херман додаде дека напаѓачот испукал низа истрели, по што припадниците на безбедносните сили возвратиле и го убиле.
Според него, осомничениот со автомобил се упатил кон Центарот за документација на националсоцијализмот, отворен во 2015 година, носел пиштол, а потоа пукал во блиската полициска станица.
Во акцијата учествувале пет полицајци, изјави портпаролот на безбедносните сили. Над местото на настанот кружи хеликоптер.
Полицијата апелира до граѓаните да го избегнуваат тој дел од градот додека трае операцијата.
Инцидентот се случи на годишнината од нападот за време на Олимпијадата во 1972 година, кога палестинските терористи убија 11 израелски спортисти во Минхен.