Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации очекува околу милион сириски бегалци да се вратат во земјата во првите шест месеци од 2025 година и побара од земјите каде што престојуваат да не ги враќаат насилно.
Бунтовниците овој месец го соборија претседателот Башар ал Асад во молскавична офанзива, отворајќи го патот за можно враќање на милиони луѓе кои избегаа за време на 13-годишната војна.
„Проценуваме дека еден милион Сиријци би можеле да се вратат меѓу јануари и јуни следната година и ги споделивме овие планови со донаторите, барајќи ја нивната поддршка“, рече Рема Џамус Имсеис, директор на УНХЦР за Блискиот Исток и Северна Африка.
Земјите каде што живеат треба да имаат трпение, додаде таа.
„Важно е да се зачува заштитата на Сиријците кои веќе нашле засолниште во други земји и да се обезбеди да не бидат насилно вратени во Сирија“, нагласи Имсеис.
Запрашана за одлуката на некои земји да ги замрзнат сириските барања за азил, таа рече: „Бевме јасни кога ги советувавме да не ги враќаат. Сè уште е рано да се носат одлуки за тоа дали Сирија е безбедна и стабилна земја“.