Мелони: Рим дава пример со испраќањето мигранти во трети земји за да ги процесуираат барањата за азил

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Италија дава пример за другите европски земји со тоа што испраќа мигранти во трети земји за да ги процесуираат нивните барања за азил, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони. Мелони пред Сенатот на италијанскиот парламент рече дека испраќањето мигранти во двата мигрантски центри изградени од Италија во Албанија претставува, како што рече, „нов, храбар, невиден начин, но кој совршено го одразува европскиот дух“.



Првата група мигранти, составена од 10 државјани на Бангладеш и шест Египќани, беше спасена во морето во близина на Либија во неделата, а во среда треба да пристигне во Албанија. Мигрантите во Албанија се превезуваат со бродот на морнарицата „Либра“. Центрите за мигранти во Шенџин и Ѓадер на северот на Албанија почнаа да функционираат минатата недела, пренесуваат локални медиуми.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози во саботата изјави дека првите мигранти ќе пристигнат оваа недела во двата мигрантски центри што Италија ги изгради на територијата на Албанија.

Пјантедози им рече на новинарите дека нема да има свечено отворање на центрите за мигранти, наведувајќи дека центрите во Албанија ќе бидат слични на оние во Италија со режими на „мек притвор“. Нема бодликава жица, има здравство“, посочи Пјантедози.

Според него, сите мигранти можат да поднесат барање за меѓународна заштита во овие центри и можат да ја добијат во рок од неколку дена. Мигрантите кои беа спасени од меѓународните води и кои се обидуваат да стигнат до Италија со бродови и чамци ќе бидат сместени во два мигрантски центри во Албанија.

Според најавите, во овие центри нема да има жени, деца или ранливи групи. Едниот центар е во Шенџин на северот на Албанија, а другиот е во блискиот Ѓадер, на местото на поранешната воена база.

Со центрите целосно ќе управува италијанската влада, која платила за нивната изградба. Повеќе од милион мигранти стигнале до Италија по море во изминатите 12 години, пренесува Танјуг.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK