Жена од округот Ковасна во Романија е тешко повредена откако била нападната од мечка додека со својот син одела кон училиштето. Детето успеало да побегне неповредено, а жената била пренесена во болница, каде што итно била оперирана, објави романскиот портал „Диги24“.
Нападот се случил во селото Залан, во општината Бодок. Кога мајката и детето забележале дека мечката им се приближува, момчето успеало да се засолни во дворот на соседна куќа. Жената, пак, се обидела да го одвлече вниманието на животното и да го насочи во спротивна насока за да го заштити својот син.
Мечката тргнала по жената и ја нападнала. Иако таа не добила повреди од каснување, претрпела длабоки повреди на бутот, колкот и рацете од канџите на животното.
На нејзините повици за помош реагирале локални жители, кои ѝ притекнале на помош. Повредената жена била пренесена во болница, каде што лекарите извршиле итна операција.
Мечката побегнала по нападот и сè уште не е пронајдена. Надлежните ги следат движењата на животното во околината и поставиле стапица во обид да го лоцираат.
Инцидентот повторно го отвори прашањето за зачестените појавувања на мечки во населените места во планинските делови на Романија.
Градоначалникот на општината Бодок, Иштван Фодор, ги критикувал надлежните во Министерството за животна средина, обвинувајќи ги дека не ги земаат предвид предупредувањата на жителите. Според него, мечките сè почесто навлегуваат во селата, овоштарниците, полињата со пченка и земјоделските површини.
Фодор изјавил дека ќе пука во секоја мечка што ќе се појави во населеното место, без оглед на последиците, со што дополнително ги засилил реакциите околу справувањето со присуството на дивите животни во близина на домовите и земјоделските површини.