Австралиските власти изгубија секаква надеж дека ќе најдат преживеани откако викендов се урна воен хеликоптер со четворица членови на екипажот, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс.
„Голем дел од остатоците на леталото беа пронајдени, што ги наведе спасувачите да се откажат од надежта дека ќе најдат преживеани членови на екипажот“, рече Марлс.
Хеликоптерот Тајпан МРХ-90 од европско производство учествуваше во големи воени вежби со САД, Јапонија, Франција, Германија и Јужна Кореја.
Се урна помеѓу петокот и саботата кај островот Хамилтон во североисточната австралиска држава Квинсленд.
„Ударот беше страшен“, рече министерот и додаде дека од спасувачка операција преминале на операција за пронаоѓање на остатоците од авионот и телата на жртвите.
„Австралиската флота од повеќе од 40 хеликоптери Тајпан ќе биде приземјена додека истражувачите не ја откријат причината за несреќата“, додаде министерот.
Двонеделните воени вежби во кои учествуваат 30.000 војници вклучуваат копнена борба, слетување тенкови и воздушни операции. Тие беа прекинати во саботата по несреќата.