Малта усвои закон со кој се легализира абортусот, но само доколку постои ризик по здравјето на жената

malta_4535453
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Парламентот на Малта денеска едногласно усвои Закон за легализирање на абортусот, но само доколку постои ризик по здравјето на жената, што се смета за голем чекор за претежно римокатоличката нација.

Со тоа се олеснува најстрогиот закон за абортус во Европска Унија, но активистите ја повлекоа својата поддршка, тврдејќи дека промените во последен момент го прават законот „нејасен, нефункционален, па дури и опасен“.


Според одредбите на новиот Закон, на лекар му е дозволено да ја прекине бременоста без дополнителна консултација само доколку животот на мајката е во непосредна опасност. Жената чие здравје е во голема опасност може да добие пристап до абортус само по согласност на тројца специјалисти.

Илјадници Малтежани протестираа против Законот во декември минатата година. Владејачката Лабуристичка партија, која го поднесе првичниот предлог-закон, ги поддржа амандманите, додека опозицијата исто така излезе со поддршка по измените.

Коалицијата 14 групи за избор истакна дека барањето за тројца специјалисти е „неостварливо и опасно“ и предупреди дека дури и во случаи кога животот на жената е загрозен, „голема е веројатноста лекарите да бараат одобрение поради страв од кривично гонење“.

Малта е единствената од 27-те земји на ЕУ каде беше забранет абортусот од која било причина, пропишувајќи казна затвор од три до четири години ако и се помогне на жената да абортира. Законот ретко се спроведуваше, а последниот познат случај на некој да биде затворен датира од 1980 година. Сепак, претходно овој месец една жена беше обвинета според Законот против абортус, но не беше приведена.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK