Францускиот претседател Емануел Макрон вчера од Каиро, каде што е во посета, организираше разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, заедно со неговиот египетски колега Абдел Фатах ал Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори, на тема Газа, соопшти Елисејската палата.
„На иницијатива на претседателот на Републиката денеска беше организиран повик со претседателот Трамп, претседателот Сиси, кралот на Јордан и претседателот на Републиката за да се разговара за ситуацијата во Газа“, соопштено е.
„Тројцата лидери разговараа со претседателот Трамп за начините итно да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа, нагласувајќи ја потребата веднаш да се воспостави целосен пристап за испорака на хуманитарна помош и ослободување на сите заложници и затвореници“, објави француското претседателство.
„Тие инсистираа на потребата да се создадат услови погодни за вистински политички хоризонт и да се мобилизираат меѓународните напори за да се стави крај на страдањата на палестинскиот народ, да се врати безбедноста и мирот за сите и да се имплементира решение за две држави“, се додава.
Според Париз, „тројцата лидери и претседателот Трамп одлучиле да останат во близок контакт“.
Во Каиро, Емануел Макрон, Абдел Фатах ал-Сиси и Абдала Втори покажаа дека формираат обединет фронт за да се спротивстават на „префрлањето на населението“ од Газа, предвидено во неодамнешниот контроверзен план на Трамп за опколената палестинска територија, јавува агенцијата Франс прес.