– Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во Молдавија дека Париз и Берлин апелирале денеска до Србија и Косово што е можно поскоро да организираат нови локални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово и дека на нив учествуваат српски претставници.
По заедничките средби на Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц со претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Вјоса Османи, францускиот лидер изјави дека тензиите на северот на Косово се резултат на локалните избори, на кои само три отсто запишани гласачи на 23 април излегоа да гласаат.
„ Ги повикавме двете страни да организираат нови избори што е можно поскоро во четири општини (на северот на Косово) и на нив да учествуваат српските претставници“, изјави Макрон по заедницата на Европскиот политички самит.
По самитот во молдавското село Булбоака, Макрон изјави и дека шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ќе разговара со лидерите на Србија и Косово за одржување нови избори.
Во близина на зградите на локалните самоуправи во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан денеска продолжија протестите на Србите, четврти ден по ред. Десетици луѓе од двете страни беа повредени во судирите меѓу граѓаните и војниците на КФОР и припадниците на косовската полиција во понеделникот.