Луѓето на Трамп го направија првиот конкретен чекор, сакаат да го купат Гренланд

tramp-avion.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Републиканските сојузници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес доставија нацрт-закон со кој се овластуваат преговорите за купување на Гренланд, барајќи поширока поддршка за законодавството.


Нацрт-законот се вика „Направи го Гренланд повторно голем“, потврдија од канцеларијата на републиканецот Енди Оглс, кој е автор на законот, и неговата колешка Дајан Харшбаргер. Копија од нацртот претходно беше објавена од „Фокс Њуз Дигитал“, а од понеделник наутро десет републикански пратеници го поддржаа.

Трамп претходно изјави дека сака да го направи Гренланд дел од Соединетите држави и не ја отфрли можноста да користи воена или економска моќ за да ја убеди Данска да ја предаде. Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот на американските избори на 5-ти ноември.

Предлог-законот, доколку биде усвоен, ќе му овозможи на Трамп да влезе во преговори со Данска на 20 јануари, кога ќе ја преземе функцијата претседател.

„Конгресот со ова го овластува претседателот, почнувајќи од 12:01 часот по источно стандардно време на 20 јануари 2025 година, да се обиде да влезе во преговори со Кралството Данска за да обезбеди стекнување на Гренланд од страна на Соединетите држави“, се наведува во законот.

Гренланд е под контрола на Данска со векови, прво како колонија, а сега како полусуверена територија под Кралството Данска. Подлежи на данскиот устав, што значи дека за секоја промена на неговиот правен статус ќе бидат потребни уставни амандмани.

Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој претходно се залагаше за независност на островот, повеќе пати изјави дека островот не е на продажба и дека граѓаните треба да одлучат за нивната иднина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK