Литванија во петокот соопшти дека го информирала Пекинг дека прогласила тројца неакредитирани вработени во кинеската амбасада за персона нон грата и дека тие мора да ја напуштат земјата во рок од една недела. Кина денеска го осуди протерувањето на тројца кинески дипломати од Литванија.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи ја обвини Литванија дека без никаква причина протерува дипломати и ги прогласува за персона нон грата, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството.
„Кина силно ја осудува и решително ја отфрла оваа непромислена и провокативна акција“, рече портпаролот на Министерството.
Министерството за надворешни работи на Литванија не прецизираше кои се овие лица и што конкретно правеле, но ги цитираше одредбите од Виенската конвенција за дипломатски односи и други меѓународни закони, пренесуваат медиумите во регионот.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи ја обвини Литванија дека „повторно презема штетни мерки кои дополнително ги влошуваат односите“.
„Кина ја повикува Литванија веднаш да престане да го поткопува кинескиот суверенитет и територијален интегритет и да престане да создава потешкотии за билатералните односи“, рече портпаролот на Министерството, додавајќи дека Пекинг го задржува правото да преземе контрамерки.