Украинците објавија дека имало излевање гориво во нуклеарната централа Запорожје. Управата на електраната која ја постави Русија, ги отфрли тврдењата, нарекувајќи ги лажни.
Претходно Украина ја обвини Москва дека не е способна да управува со безбедноста на електраната, повикувајќи се на наводи за големо излевање на гориво.
„Тоа гориво беше доволно за напојување на генераторите за итни случаи на електраната дури 25 дена“, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Хеорхи Тихи.
Тој не откри од каде се овие извештаи, ниту кога и како настанала штетата, туку само рече дека сето тоа е директна последица на неодговорната замена на лиценцираните украински експерти со руски персонал.
Минатата недела, актуелниот американски претседател Доналд Трамп сугерираше дека САД би можеле да помогнат во управувањето, па дури и евентуално поседување на украинските нуклеарни централи. Сепак, Володимир Зеленски рече дека не е разговарано за сопственоста и јасно ја отфрли таквата можност.