Кулеба: Украина е подготвена да води дијалог и преговори со Русија

1646506474-profimedia-0664573272.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави во Пекинг дека источноевропската земја е подготвена да води дијалог и преговори со Русија, кои треба да имаат за цел да се постигне праведен и траен мир, пренесува Танјуг, повикувајќи се на кинеската агенција Ксинхуа.


Како што се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи, Кулеба за време на неговата посета на Кина рече дека украинската страна му придава значење на мислењето на Пекинг и дека внимателно ги проучувала шесте заеднички договори што Кина и Бразил ги предложиле како политичко решение за украинската криза.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји изјави дека Кина е цврсто посветена на политичко решение за украинската криза и додаде дека четирите принципи што ги објави претседателот Шји Џјинпинг се основни за изнаоѓање решение за кризата.

Врз основа на ова, Ванг рече дека Кина и Бразил заеднички објавиле шест заеднички разбирања за политичко решение на украинската криза.

Истакнувајќи дека Кина е голема земја и дека Украина и Кина не се само стратешки, туку и важни економски и трговски партнери, Кулеба рече дека украинската страна ја поддржува позицијата на Пекинг за прашањето на Тајван и ќе продолжи да се придржува до политиката на една Кина.

Како што претходно беше најавено, украинскиот министер за надворешни работи повеќе од три часа разговараше со својот кинески колега за начините за постигнување „фер мир“ во војната со Русија.

Тој е највисокиот украински државен функционер што ја посетил Кина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година.

Кина не учествуваше на мировната конференција за Украина, одржана во јуни во Швајцарија, бидејќи, како што тогаш беше најавено од Пекинг, смета дека двете страни треба да учествуваат во преговорите, а Русија не беше поканета на таа конференција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK