Кремљ тврди дека упадот на аеродромот во Дагестан е резултат на западното мешање

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Упадот на аеродромот во руската република Дагестан со мнозинско муслиманско население од страна на антиизраелска толпа во голема мера е резултат на надворешно мешање, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.



„Настаните околу аеродромот во Махачкала (главниот град на Дагестан) синоќа беа главно резултат на надворешно мешање, вклучително и информациско влијание“, изјави Песков за новинарите.

Тој не прецизираше од каде дошло наводното мешање, но лидерот на Дагестан, Сергеј Меликов, претходно без да обезбеди докази изјави дека немирите биле организирани од украинска територија, каде што се водат судирите меѓу Киев и Москва.

Поголема група мажи синоќа упаднаа на пистата и терминалот на аеродромот во Махачкала, главниот град на доминантно муслиманската руска република Дагестан, по најавата за пристигнување на лет од Израел.

Инцидентот се случува во време на зголемени тензии низ светот откако Израел ја започна својата кампања во Газа како одговор на крвавиот напад на палестинскиот исламистички Хамас на 7 октомври.

Песков оцени дека со телевизиските снимки од ужасите што се случуваат во Појасот Газа, „злонамерните луѓе многу лесно можат да ја искористат и да ја испровоцираат ситуацијата и да ги вознемират луѓето“.

Песков додаде дека рускиот претседател Владимир Путин ќе одржи состанок со министрите за одбрана и за надворешни работи за „западните обиди да ги искористи настаните на Блискиот Исток за да го подели руското општество“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK