Рускиот претседател Владимир Путин нема да патува на самитот на БРИКС во Бразил следната недела поради важечка потерница издадена против него од Меѓународниот кривичен суд (МКС), изјави денес помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков.
МКС ја издаде потерницата во 2023 година, нешто повеќе од една година, откако Русија започна тотална војна против Украина, обвинувајќи го Путин за воен злостор за депортирање стотици деца од Украина.
Русија ги отфрла обвиненијата за воени злосторства, а Кремљ, кој не го потпиша основачкиот договор на МКС, ја прогласи наредбата за ништовна. Но, ова значи дека Путин мора да го процени ризикот од евентуално апсење ако патува во една од државите потписнички на статутот на МКС, според светските медиуми.
Ушаков рече дека Путин ќе присуствува на самитот на БРИКС во Бразил на 6 и 7 јули преку видео врска. „Ова се должи на одредени тешкотии во контекст на барањето за МКС. Во овој контекст, бразилската влада не можеше да заземе јасен став што би му дозволил на нашиот претседател да учествува на овој состанок“, рече Ушаков.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ќе отпатува на самитот и ќе ја претставува Русија. Кинескиот претседател Шји Џјинпинг, исто така, ќе го прескокне самитот, според извештаите на медиумите.