Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека неговата земја ќе ги забрза чекорите за да стане воена суперсила со нуклеарно оружје и нема да ја исклучи нивната употреба доколку биде нападната од непријателите, објави државната новинска агенција КЦНА.
Во вчерашниот говор одржан на универзитетот, Ким исто така рече дека нема намера да ја нападне Јужна Кореја, но „ако непријателот се обиде да употреби сила против нашата земја“, севернокорејската војска без двоумење ќе ја употреби целата сила, што „не исклучува употреба на нуклеарно оружје“. Според КЦНА, тој повика и на опширно зајакнување на одбраната на Северна Кореја.
Тој испрати и роденденска порака до рускиот претседател Владимир Путин, пренесе КЦНА. Тој го нарече Путин негов „најблизок другар“, велејќи дека „стратешките и кооперативни односи“ меѓу двете земји ќе бидат подигнати на ново ниво за да работат на „одбрана на регионалниот и глобалниот мир и меѓународната правда“.