Камала Харис го повика Трамп да направи тест за интелигенција

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Демократската кандидатка Камала Харис денеска изјави дека е подготвена да направи тест за ментални способности и го покани нејзиниот републикански ривал, поранешниот американски претседател Доналд Трамп да го стори истото.


„Секако. Го предизвикувам да го стори истото. Мислам дека тој всушност станува сè понестабилен, тој навистина нема план за американскиот народ“, рече Харис во интервју за CBS на прашањето дали ќе го направи тестот и што мисли на забелешките на Трамп кон неа.

Таа посочи на бројни поранешни високи функционери на администрацијата на Трамп кои зборуваа против него во последните недели како доказ дека тој е „неспособен да биде претседател на Соединетите Американски Држави“.

„Не ме слушајте мене, слушајте ги луѓето кои најдобро го познаваат. Неговите поранешни шефови на кабинет. Неодамна, маринскиот генерал Џон Кели со 4 ѕвезди. Слушајте ги двајцата поранешни секретари за одбрана кои работеа за него, послушајте го неговиот советник за национална безбедност, слушајте го неговиот потпретседател, кои, на еден или друг начин, велеа дека не е способен повторно да биде претседател, дека никогаш не треба да биде повторно претседател и дека е опасен“, рече Харис.

Харис во последните денови беше на удар на критиките за нејзините коментари за Трамп, вклучително и дека го нарече „фашист“, од највисоките републиканци во Конгресот, кои ја обвинија дека повикала на нов обид за атентат врз поранешниот претседател. Потпретседателката изјави за CBS News дека го осудува „секое политичко насилство од кој било вид врз некого“.

Харис претходно го објави медицински извештај во кој нејзиниот лекар Џошуа Сајмонс потврдил дека политичарката е во одлична здравствена состојба еден месец пред претстојните претседателски избори во ноември.

Трамп претходно изјави дека Харис има „многу низок коефициент на интелигенција“ и ја повика да направи тест за интелигенција. Поранешниот претседател објасни дека неговата ривалка во интервју за американскиот новинар Андерсон Купер не може да даде директни одговори на наједноставните прашања, што јасно укажува дека „нешто не е во ред со неа“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK