Секјурити анд Хјуман Рајтс Монитор – Хаг
8 јули 2023
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во моментов се соочува со голем број предизвици кои потенцијално би можеле да го загрозат нејзиното идно постоење.
Организацијата со седиште во Виена, која беше создадена како платформа за дијалог меѓу Истокот и Западот за време на Студената војна, повеќе од која било друга меѓународна институција се соочува негативни последици од руската војна против Украина.
НАТО доживеа преродба на својот суштински мандат за колективна одбрана и одвраќање. Војната, исто така, ги принуди земјите членки на ЕУ да ги збијат редовите и да го зачуваат единството, додека усогласуваат заеднички позиции за санкциите и одбраната и стануваат се понезависни од рускиот гас.
Но, ОБСЕ е сериозно ослабена.
Во суштината на мандатот на ОБСЕ е идејата дека евроатлантската безбедност може да се одржува преку соработка и дијалог на еднакви основи меѓу 57-те земји членки. Таа вклучува многу различни група на држави: САД, Канада, сите европски земји и држабите од поранешниот Советски Сојуз, вклучително и Русија.
Распад на кооперативната безбедност
Но, овој концепт на кооперативна безбедност се распадна уште од почетокот на масовната руска инвазија врз Украина.
Војната јасно покажа дека кооперативната безбедност меѓу Русија и Западот може да функционира само додека сите главни играчи имаат интерес од неа и ја сметаат за корисна.
Понатаму, ОБСЕ е поранлива на надворешните геополитички случувања отколку останатите меѓународни институции. Според правилата на ОБСЕ, практично сите одлуки мора да бидат усвоени со консензус на 57-те земји членки.
Бидејќи Русија се противи на многу одлуки, Организацијата е блокирана и не може да го исполни својот суштински мандат.
Москва, често поддржана од нејзиниот единствен сојузник Белорусија, стави вето на продолжувањето на мандатот на Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина, на усвојувањето на буџетот на ОБСЕ за оваа и за минатата година и на изборот на Естонија за претседавач со ОБСЕ за 2024 година.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто дури предупреди на можен колапс на ОБСЕ.
– Доколку нема претседавач во 2024 година и нема консензус за ова прашање, тогаш следната година ќе биде година на уништување на ОБСЕ како организација, изјави тој за финската телевизија ИЛЕ.
Слично на ова и претседател на Комитетот за надворешни работи во естонскиот Парламент, Марко Микелсон на Твитер објави дека со оглед на тоа што Русија „ја блокира Естонија да стане претседавач со ОБСЕ до 2024 година, се поставува легитимно прашање – дали е ОБСЕ на крајот од своето постоење?”
Но, иако е вистина дека суштинскиот мандат на ОБСЕ е сериозно засегнат, земјите членки на Организацијата покажаа отпорност и креативност во надминувањето на многу пречки.
Кој ќе претседава со ОБСЕ во 2024 година?
Секоја година различна земја го презема политичкото претседавање со ОБСЕ. Процесот на аплицирање за претседавач со ОБСЕ се врши преку долг процес на политички консултации. Ако се оди како ѓто треба, тој процес обично води до консензуална согласност за тоа кој ќе претседава со Организацијата.
Во ноември 2020 година, Естонија имаше обид да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година. Но, одобрувањето на оваа кандидатура беше блокирано од Русија.
Со оглед на овој тековен метеж, Австрија изрази својата подготвеност да стане претседавач во 2024 година, доколку не се постигне консензус за естонската кандидатура. Други земји, вклучително и Казахстан, изразија слична подготвеност. Друга опција што се разгледува е продолжување на актуелното претседавање со Северна Македонија и по 2023 година.
Преговорите се во тек за ова прашање и се уште не е донесена одлука. Но, подготвеноста на другите држави да преземат одговорност покажува дека решение би можеле да биде најдено во блиска иднина.
Финска се приклучи на тројката на ОБСЕ на „привремена основа“
Но, покрај важната улога на претседавачот со ОБСЕ, тука е и тројката на ОБСЕ – клучно тело кое го сочинуваат актуелниот, претходниот и следниот претседавач. Тројката обезбедува континуитет на активностите на ОБСЕ и е клучен механизам за поддршка на претседавачот, во моментов Северна Македонија.
Со оглед на фактот дека нема избрано претседавач за 2024 година, сегашниот претседавач од Северна Македонија најде иновативен начин да спречи распаѓање на тројката на ОБСЕ.
Северна Македонија на 1 февруари 2023 година испрати писмо до сите земји членки на ОБСЕ, во кое ги информира дека Финска прифатила да се приклучи на тројката на ОБСЕ како претседавач „на привремена основа, во очекување на изборот на претседавачот во 2024 година“.
Финска претходно беше избрана со консензус да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2025 година.
Интерното писмо, во кое имаше увид „Секјурити анд Хјуман Рајтс Монитор“, „со жалење констатира“ дека државите на ОБСЕ досега не беа во можност да се договорат за претседавачот за 2024 година.
– Во светло на ова, сакам да ве информирам дека, како неопходен превентивен одговор, претседавачот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, г-дин Бујар Османи, под негова севкупна одговорност за извршно дејствување и координација на сегашните активности на ОБСЕ, по исклучок побара Финска да се приклучи кон Тројката како привремено решение, се додека не се избере претседавач 2024 година, се наведува во писмото.
Според дипломатите на ОБСЕ, ниту една држава не изразила активно противење на предлогот во ова писмо, што значи дека ОБСЕ моментално има функционална тројка, дури и ако нема договорено претседавач за 2024 година.
Мандати во истекување
Сепак, главен комплицирачки фактор се мандатите за највисоките раководители на ОБСЕ, кои истекуваат на крајот на оваа година.
Меѓу нив се генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Шмид, претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, директорот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, Матео Мекачи и високиот комесар за национални малцинства Каират Абдрахманов.
За продолжување на нивните мандати потребен е консензус. Но, во моментов е крајно неизвесно како ќе се обезбеди тој консензус, велат дипломати на ОБСЕ кои се запознати со оваа проблематика. Доколку мандатите не бидат продолжени, сите главни институции на ОБСЕ ќе останат без раководители од следната година.
Преговорите за пакетот нови кандидати бараат време и обично вклучуваат внимателно балансирање на географските, половите и политичките интереси, комплициран процес кој веројатно нема да биде успеѓен во сегашните геополитички околности.
Вонбуџетски приходи за ублажување на недостигот на пари
Русија, исто така, одби да се согласи со предлозите за буџетите за 2022 и 2023 година во износ од околу 138 милиони евра – ниво кое е непроменето во последните 10 години.
Без одобрен буџет, ОБСЕ може да функционира само во ограничен режим, бидејќи добива привремени месечни приливи врз основа на претходно договорениот буџет од 2021 година. Според финансиските регулативи, на ОБСЕ не му е дозволено да спроведува нови проекти или активности за тој период.
Во обид да се заобиколи оваа парализа, земјите членки на ОБСЕ, се повеќе ги користат т.н. вонбуџетски приходи. Тие се одвоени од одделни држави за реализација на конкретни проекти надвор од основниот буџет на ОБСЕ.
Еден пример е неодамна започнатата Програма за поддршка на ОБСЕ за Украина.
Во рамките на програмата од 28,7 милиони евра, која се спроведува во период од три години од август 2022 до јули 2025 година, ОБСЕ ќе реализира голем број проекти насочени кон зајакнување на демократијата, доброто владеење, безбедноста на луѓето, владеењето на правото и заштитата на човековите права и надминување на последиците од војната во Украина. Проектите се фокусирани и на ублажување на ризиците по животната средина, како што се оние предизвикани од хемиски опасен отпад, како и за воспоставување на капацитети за деминирање во Украина.
Русија не ги поддржува овие активности, бидејќи тие не се одобрени со консензус од Постојаниот совет на ОБСЕ или други тела за одлучување на ОБСЕ.
Но, за повеќето земји членки на ОБСЕ, овие мерки помогнаа да се спречи целосен колапс на ОБСЕ и застој на активностите на организацијата.
Тоа се сепак привремени решенија.
Иднината на ОБСЕ и понатаму останува неизвесна, а Организацијата навистина може засекогаш да ја загуби својата примарна улога како место за зајакнување на безбедноста преку дијалог и соработка меѓу држави со различни ставови.
Анализа на Стефани Лихтенштајн