Претседателот на Јужна Кореја се извини за низата скандали поврзани со неговата сопруга, вклучително и наводното прифаќање луксузна чанта Диор и манипулација со акции.
Обраќајќи ѝ се на нацијата на телевизија, Јун Сук-Јол призна дека неговата сопруга Ким Кеон-хи требало да се однесува подобро, но нагласи дека некои од обвинувањата против неа се претерани. Претседателот најави дека ќе формира канцеларија која ќе ги надгледува службените должности на првата дама, но одби повикот да ги истражи нејзините активности.
Извинувањето на Јун доаѓа додека тој се обидува да го промени трендот на намалување на неговата популарност кај јужнокорејската јавност, јавува Би-Би-Си.
Кон крајот на 2023 година, левичарскиот канал на „Јутуб“ „Гласот на Сеул“ објави видео од септември 2022 година на кое наводно се гледа како Ким прифаќа чанта „Диор“ вредна 2.000 евра од свештеник кој ја снимил целата работа користејќи камера скриена во неговиот часовник. .
Јун во февруари изјави дека видеото е објавено како „политички маневар“ и не се извини.
Демократската партија на Јужна Кореја, опозиција на конзервативната Партија на народната моќ на Јун, тогаш изјави дека таквиот став е бесрамен и безнадежен. Опозициската партија долго време ја обвинуваше првата дама и дека е вмешана во манипулации со цените на акциите.
Претходно оваа година, Јун стави вето на нацрт-законот со кој се бараше неговата сопруга да биде под истрага поради обвинувањата. Скандалот, исто така, предизвика поделби во партијата на Јун, при што еден лидер ја спореди Ким со Марија Антоанета, француската кралица озлогласена по нејзиниот екстравагантен начин на живот.