Одговарајќи на потегот на Северна Кореја да урива делови од меѓукорејскиот пат, јужнокорејската армија денеска испука предупредувачки истрели јужно од воената демаркациона линија што ги раздвојува двете Кореи, соопшти Здружениот генералштаб на армијата на Јужна Кореја.
Откако вети дека ќе го прекине патниот и железничкиот сообраќај со Јужна Кореја, кои порано беа симболи на меѓукорејската соработка, Северна Кореја уништи делови од нејзините патишта што ја поврзуваа со Јужна Кореја, објави денеска Ројтерс.
Минатата недела севернокорејската војска објави план за „целосно одвојување“ на севернокорејската територија од Јужна Кореја, велејќи дека ја информирала американската војска за потегот за да „спречи какво било погрешно толкување и случајни судири“.
Двете Кореи се поврзани со патишта и железници долж линијата Ѓеонгуи, која го поврзува јужнокорејскиот пограничен град Пају со севернокорејскиот Каесонг и линијата Донгхаи долж источниот брег, објави агенцијата Јонхап.
Овој потег доаѓа откако Северна Кореја ги ескалира меѓукорејските тензии откако нејзиниот лидер Ким Џонг-ун на крајот од минатата година ги дефинираше двете Кореи како „две непријателски држави“, преземајќи чекори за уништување на меѓукорејските копнени патишта.
Оттогаш, Северна Кореја ги отстрани уличните светилки и постави мини по должината на линијата Ѓеонгуи и Донги, и распореди војници за изградба на противтенковски бариери и зајакнување на оградата од бодликава жица на нејзината страна од демилитаризираната зона што ги дели двете земји.
Тензиите, според агенциите, дополнително се зголемија откако Северна Кореја објави дека јужнокорејската војска трипати овој месец испратила дронови над Пјонгјанг.
Ким Џо-Јонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер, предупреди на „страшна катастрофа“ доколку повторно бидат откриени јужнокорејски беспилотни летала над Пјонгјанг.