Украинската политичарка и поранешна премиерка Јулија Тимошенко даде интервју за ХРТ што беше емитувано вчера.
Јулија Тимошенко изјави дека многу добро го познава Владимир Путин, морала да соработува тесно и често со него во неколку наврати за време на неговите два премиерски мандати.
„Ја предупредив Европа за Путин“
„Можам да ви кажам како во 2009 година, сред горчлива зима, кога температурите беа многу ниски, го прекина снабдувањето со гас на целата ЕУ, односно на сите земји кои добиваа гас од него. Во тоа време, тој не беше загрижен за смрзнувањето на болниците, училиштата, градинките, цели семејства, не беше загрижен, тоа беше крајно суров и неоправдан чекор.
Тогаш како премиер им кажав на сите европски лидери дека треба да извлечат заклучоци од тоа. И дека следниот пат неговото оружје нема да биде гас туку ракети, авиони, бомби и се друго што ќе уништи човечки животи. Го предупредив и целиот свет по 2007 година, кога ја нападна Грузија. Тогаш предупредив дека ако светот веднаш не ги преземе сите неопходни чекори за заштита, ако не го спречи злото, таа војна ќе дојде во Европа. Но, тие не ме послушаа. Светот не реагираше ниту во 2014 година, кога на ред дојде Крим“, рече таа.
Таа нагласи дека се надева оти сега се донесени заклучоци од она што се случува во Украина и дека се разбира дека за Путин важи само законот на сила, а не дипломатските преговори или меѓународното право.
„Неговата сила лежи во фактот што тој систематски ги гази црвените линии во светот, а тоа му дава дополнителни можности да напаѓа цели народи. Затоа силата може да се запре само со сила. Денес Украина одржува отпор за цела Европа и за целиот свет. Украина е подготвена да ги положи своите животи за нашата независност, за нашата територија и за нашите семејства. Исто така, за секое европско семејство и за секој европски народ. И за сите земји од слободниот свет. Едноставно помогнете ни, дајте ни средства, дајте ни оружје и ние ќе си ја завршиме работата“, рече Тимошенко.
„Украинците се мирна европска нација. Живеевме мирно. Никогаш не сме се стремеле кон териториите на други земји. Никогаш не сме биле закана за никого. Бевме буквално првата земја што се откажа од нуклеарното оружје. И затоа денес можеме да кажеме дека сета оваа невистина што за нас ја пропагира државата агресор, дека Украина нападна некого, е целосна лага“, рече таа.
„Бараме само едно: оставете ја нашата земја на мира! Дајте ѝ можност на Украина да биде суверена држава врз основа на нејзината признаена територија, која беше призната одамна врз основа на сите меѓународни договори. Ние сакаме мир, но не ропски мир“, истакна таа.
Таа смета дека ова што се случува е опасно за целиот свет.
„Ако заживее оваа стратегија, според која границите на сите земји може да се прекројат со сила на оружје, но не може да се зачуваат врз основа на меѓународното право, тогаш тоа е буквално почеток на нов светски поредок. Токму овде во Украина, мора да и се стави крај. Сега и засекогаш“, додаде Тимошенко.