Министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, рече дека неговата земја стравува дека најлошото допрва доаѓа во војната меѓу Израел и Хамас, во која сè уште нема знаци за намалување на тензиите.
По нападот на палестинската исламистичка организација Хамас на 7 октомври, во кој загинаа 1400 луѓе, Израел одговори со бомбардирање на Појасот Газа, при што илјадници луѓе ги загубија животите, а милиони од нив останаа без покрив над главата.
Јорданскиот министер предупреди дека војната меѓу Израел и Хамас, како и нејзиното проширување, може да има катастрофални последици.
„Сите индикации се дека најлошото допрва доаѓа. Оваа катастрофа ќе има болни последици во наредните периоди“, рече Сафади на прес-конференцијата со својот германски колега.
Сафади додава дека дипломатските напори не придонеле за завршување на конфликтот.
„Одлуката за завршување на војната не зависи од нас, туку од Израел и ние мора да вложиме максимални напори за да ја прекинеме“, рече тој.
Средбата меѓу јорданскиот крал Абдула и египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси исто така се одржа во сенка на страв од ширење на војната.
Во изјавата по средбата и двајцата рекоа дека не прифаќаат присилно раселување на Палестинците или колективната казна што Израел ја нанесува на жителите на Газа со бомбардирање цивили по нападите на Хамас.
Сафади забележува дека Јордан ќе се спротивстави „со сите свои средства“ на масовното раселување на Палестинците што би резултирало со големи промени на Блискиот Исток.
„Ние нема да прифатиме такво решение. Ова е црвена линија, а нејзиното преминување би значело објавување војна“, рече тој.
Последниот конфликт повторно ги разгори долгогодишните стравови во Јордан, дом на значителен број палестински бегалци и нивни потомци, дека Израел ќе ја искористи можноста да ги протера Палестинците од Западниот Брег.
Јордан, кој дели граница со Западниот Брег, ги прими повеќето Палестинци кои избегаа или беа протерани од своите домови по создавањето на израелската држава.
„Нема да дозволиме Израел кризата што ја создаде, да ја извезе во Јордан“, нагласи министерот Сафади.