Известувачот на ОН: САД и Германија се одговорни за израелските напади врз училиштата

02d27efb-29a1-4178-bc9a-a37382cc653e.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Специјалниот известувач на ОН, Франческа Албанезе, денеска ги обвини САД и Германија дека дозволуваат Израел да бомбардира училишта во Појасот Газа и да „изведе геноцид“.



Во последниот месец, израелската армија нападна повеќе од 20 училишта, при што загинаа стотици луѓе.

„Повиците да се запре не функционираат бидејќи тоа е празна реторика. Со неа, имено, нема конкретни мерки за да се запре овој геноцид“, вели италијанскиот адвокат Албанезе во интервју за шпанското јавно радио „РНЕ“.

Албанезе тврди дека меѓународната заедница не е фер кон палестина долго време.

„Сега се случува голема, екстремна трагедија. Има 40.000 мртви, а многу повеќе ќе умрат од индиректни последици. Се проценува дека 186.000 луѓе не можат да стигнат до болниците“, рече таа.

„И покрај тоа, меѓународната заедница продолжува да го вооружува Израел и продолжува да го поддржува политички и економски. Тоа е срамота“, додаде таа.

Албанезе, која е на функција од 2022 година, рече дека „најголема одговорност имаат САД, но и членките на ЕУ како Германија“.

Таа смета дека Израел намерно цели и убива палестински цивили. „Постојано зборуваме за тоа јавно“, рече таа.

Нагласи дека „ОН се импотентни затоа што во нив моќни земји како САД ја спречуваат правдата со своето влијание“.

Таа рече дека Израел не го почитува меѓународното право, и дека по 7 октомври нема ниту едно безбедно место за палестинските бегалци во Појасот Газа.

„Ако Израел продолжи со нападите, Палестинците ќе бидат масакрирани. Никогаш не сум видела нешто слично, тоа е геноцид што нема да престане“, рече таа.

Израелската армија тврди дека една третина од убиените се борци на Хамас или Исламски џихад, а во понеделникот објави документ со нивните имиња и други информации.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK