Израелската армија изведува десетици напади врз Либан по атентатот на моќниот лидер на Хезболах

Screenshot-2024-09-29-100554.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Израелската армија денеска соопшти дека извршува десетици напади врз Хезболах во Либан, два дена по убиството на моќниот лидер на таа проиранска организација Хасан Насрала во воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут.


Израелската авијација „нападна десетици терористички цели на либанска територија во изминатите неколку часа“, изјави воениот портпарол на Телеграм.

Од саботата, израелската војска „погоди стотици терористички цели низ Либан“, додаде портпаролот.

Тој наведе дека во тие напади на мета биле местата од кои се истрелуваат ракети кон Израел, воени постројки и магацини за оружје.

Шиитската организација Хезболах, сојузник на палестинскиот Хамас кој војува против Израел во Газа, ја потврди смртта на водачот Насрала во саботата во невиден израелски напад врз упориштето на групата.

Смртта на човекот кој важеше за најмоќен во Либан е голема победа на Израел против Иран и неговите сојузници, а премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху оцени дека се расчистени сметките со лицето одговорно за убиството на безброј Израелци и многу граѓани на други земји.

Нетанјаху тврди дека Израел стигнал до она што се чини дека е историска пресвртница во борбата против своите непријатели.

Либан, Сирија и Иран прогласија неколкудневна национална жалост по смртта на Насрала, пишува Франс прес.

Првиот потпретседател Мухамед Реза Ареф се закани дека убиството на Насрала ќе доведе до уништување на Израел.

Во саботата Техеран го повика состанокот на Советот за безбедност на ОН да преземе итни и решителни мерки за да се запре израелската агресија и да се спречи вовлекување на регионот во општа војна.

Според соопштението на израелската војска, командантот на јужниот фронт на Хезболах Али Караке и други функционери биле убиени заедно со Насрала во операцијата наречена „Нов поредок“. Извор близок до Хезболах ја потврди смртта на Караке.

Иранската новинска агенција ИРНА објави дека Абас Нилфорушан, заменик-лидерот на иранската револуционерна гарда, исто така бил убиен во нападот во петокот.

Шеесет и четиригодишниот Насрала, кој го водеше Хезболах од 1992 година, беше религиозен човек кој живееше криејќи се и ретко се појавуваше во јавноста.

Неговиот братучед, Хашем Сафидин, истакната личност во Хезболах, се чини дека е негов потенцијален наследник.

Нападот врз Насрала беше многу софистициран и покажува не само огромни технолошки способности, туку и степенот на израелска инфилтрација во Либан, рече Џејмс Дорси, истражувач во Институтот за Блискиот Исток на Националниот универзитет во Сингапур.

„Њујорк тајмс“ пишува дека од крајот на Втората либанска војна во 2006 година, Израел изгради моќен разузнавачки апарат кој длабоко навлезе во Хезболах.

Израел наводно испратил тајни командоси длабоко во Либан за да извршуваат разузнавачки мисии.

Како што изјавија за весникот неименувани официјални лица, Израел се разликува од разузнавачките агенции и единици во другите земји во однос на неговата подготвеност да ги изврши овие смели мисии.

Во нападот на јужните предградија, според фотограф на францускиот печат, биле уништени неколку згради, а илјадници жители биле принудени да избегаат. Според либанските власти, загинале најмалку шест лица.

Во саботата, 33 лица загинаа во Либан. и 195 повредени, соопшти синоќа локалното Министерство за здравство.

И покрај тешките напади на Израел, Хезболах во саботата соопшти дека истрелал ракети на израелска територија, од кои повеќето биле пресретнати.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK