Илјадници луѓе синоќа протестираа во израелскиот крајбрежен град Тел Авив и други градови во земјата барајќи ослободување на 239 заложници во Појасот Газа.
Демонстрантите во Тел Авив се собраа пред музејот на уметност во центарот на градот. Тие држеа транспаренти на кои пишуваше „Израелците за прекин на огнот“, „Нема победници во војна“ и „Нема воено решение“.
Ноам Пери, чиј татко беше киднапиран од исламистичките терористи на Хамас на 7 октомври, рече: „Господине премиер, членови на владата, не зборувајте со мене за освојување, не зборувајте со мене за уништување на Газа. Воопшто не зборувајте. Само дејствувајте… донесете ги дома сега“.
Протести се одржаа и во Ерусалим и други градови. Почит беа оддадени и на жртвите од масакрот на 7 октомври.
Според медиумите, демонстрантите во Хаифа побарале оставка од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада поради тоа што не го спречиле нападот на Хамас.
Се проценува дека околу 3.000 терористи од Хамас и други групи ја преминале границата пред пет недели во ненадеен напад и почнале да убиваат низ кибуцимите.
Според последните проценки, загинале околу 1.200 луѓе, а илјадници биле ранети.