Израел против планот за палестинска држава: „Тоа би било награда за масакрот што ни го направија“

Израел-против-планот-за-палестинска-држава-„Тоа-би-било-награда.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Главните министри во владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја отфрлија идејата за основање палестинска држава откако „Вашингтон пост“ објави дека САД промовираат такви планови.


„Ние во никој случај нема да се согласиме со тој план, кој вели дека Палестинците заслужуваат награда за страшниот масакр што го извршија врз нас: палестинска држава со главен град Ерусалим“, изјави министерот за финансии Безалел Смотрич.

„Палестинската држава е егзистенцијална закана за државата Израел како што беше докажано на 7 октомври“, рече тој, додавајќи дека ќе побара од безбедносниот кабинет, кој треба да се состане подоцна во текот на денот, да заземе јасен став против палестинската државност.

„Вашингтон пост“ денеска објави дека САД соработуваат со некои арапски држави, вклучувајќи ги Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија, со кои Израел долго време се обидува да воспостави дипломатски односи, на повоен план за регионот, што би вклучувало цврста временска рамка за формирање палестинска држава.

Палестинското Министерство за надворешни работи соопшти дека секоја политичка иницијатива што не започнува со палестинска држава како полноправна членка на ОН е „осудена да пропадне“.

Слични изјави дадоа и министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, министерот за дијаспора Амичаи Чикли, министерот за образование Јоав Киш и пратеникот Матан Кахана, член на Партијата за национално единство предводена од главниот противник на Нетанјаху, Бени Ганц.

„Катастрофа е да се наградат Палестинците по 7 октомври со формирање држава“, изјави Чикли од Ликуд за Военото радио.

Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, во кој загинаа 1.200 луѓе, а 253 беа киднапирани.

Во израелската офанзива на Појасот Газа оттогаш загинаа повеќе од 28.600 Палестинци, според палестинските здравствени власти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK