Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.