Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Соединетите Американски Држави во моментов не му дозволуваат на Израел да ја гаѓа иранската енергетска инфраструктура поради стравувања од последици врз глобалната економија и пазарот на енергенси.
„Многу сакаме да ги нападнеме иранските енергетски цели, но САД во овој момент не го одобруваат тоа“, рече Кац.
Според него, Вашингтон стравува дека таквите напади би можеле да предизвикаат ирански одмазднички напади врз соседните држави и да доведат до глобална нафтена криза.
Кац изјави и дека меѓу Израел и САД постојат разлики во пристапот кон натамошната стратегија кон Иран, додавајќи дека останува да се види дали Вашингтон повторно ќе се вклучи во воената кампања или ќе избере поинаков пристап.
Неговите изјави доаѓаат еден ден по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа. Според израелските медиуми, Нетанјаху и понатаму се залага за продолжување на воената кампања против Иран, додека Трамп во последните месеци се залага за дипломатско решение.