Истражување: Секој трет млад маж во Германија смета дека насилство против жени е „прифатливо“

nasilstvo-zeni
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Третина од младите мажи во Германија сметаат дека е прифатливо да се користи насилство врз жените, покажуваат резултатите од новото истражување кое предизвика бес кај активистите за родова еднаквост, пренесува Си-Ен-Ен.

Студијата е нарачана од детската добротворна организација „План Интернешнл Германија“. Наодите беа објавени во регионалниот весник Вестдојче Алгемајне цајтунг (Westdeutsche Allgemeine Zeitung). Според анкетата, 34 отсто од мажите во возрасна група 18-35 години признале дека во минатото пројавиле насилство над својата партнерка, додека 33 проценти рекле дека мислат дека е прифатливо ако повремено „без да сакаат замавнат“ кога се расправаат со партнерката.


Анализирајќи ги ставовите за обвинување на жртвата и двојните стандарди, студијата покажа дека 50 проценти од мажите не би сакале врска со жена која има многу сексуални партнери, а 20 отсто од интервјуираните жени се согласуваат со овој став. Студијата, исто така, покажа дека очекувањата на мажите и жените во врската значително се разликуваат.

Нешто повеќе од половина од мажите – 52 проценти – сакаат врска „глава на семејство-домаќинка“, каде што тие заработуваат најголем дел од парите за домаќинството, а грижата за децата и домашните работи главно се за жената.

Над две третини од интервјуираните жени не се согласуваат, сакајќи еднакви партнерства и заедничко одлучување.

Нешто помалку од половина од анкетираните – 48 отсто – изразија негодување за јавно прикажување на хомосексуалноста, велејќи дека се чувствуваат „вознемирени“ од тоа.

Германската група наречена Федерална организација за еднаквост на Твитер објави дека наодите се „шокантни“.

„Според истражувањето на Plan International Germany, секој трет млад Германец смета дека насилството врз жените е „прифатливо“. Ова итно треба да се промени!“

Карстен Каснер од Федералниот форум мажи, организација која се залага за родова еднаквост, исто така повика на промени, велејќи: „Фактот што една третина од анкетираните мажи го минимизираат физичкото насилство врз жените е сигнал за проблем“.

Според податоците на германската Федерална криминалистичка полиција во 2021 година, 115.000 жени во Германија биле жртви на насилство од интимен партнер. Германија има една од највисоките стапки на убиства на жени во Европа, проблем што се влоши за време на пандемијата на коронавирусот, според податоците на криминалистичката полиција, пренесе Си-Ен-Ен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK