Мајката на шестгодишното девојче кое исчезна во Јужна Африка на 19 февруари е обвинета за трговија со луѓе и киднапирање. Кели Смит беше обвинета заедно со нејзиното момче Жакен Аполис и уште две лица.
Џослин Смит исчезна пред нејзиниот дом во заливот Салдана, во близина на Кејп Таун. Обвинителството тврди дека мајката ги испратила Аполис и уште еден од обвинетите, Стефан ван Рин, да ја продадат Џослин на традиционален исцелител за 20.000 ранди (1.000 долари, околу 980 евра), пишува Би-Би-Си.
Во Африка на секои пет часа исчезнува по едно дете, но повеќето од нив се пронајдени. Џослин сè уште не е пронајдена, и покрај тоа што морнарицата е вклучена во потрагата. Во саботата, истражителите пронајдоа крвава облека на поле во близина на местото каде што исчезна Џослин.
Кели Смит и нејзините сообвинети ќе останат во притвор до 13 март, кога повторно треба да се појават на суд. Сите рекоа дека ќе побараат правна помош. Пред апсењето, мајката изјави за Дејли Воис дека верува дека нејзината ќерка ќе биде пронајдена.
“Моите мајчински инстинкти ми кажуваат дека ќерка ми е сè уште жива. Ќе ја најдеме. Ќе барам во секоја колиба. Сама ќе го сторам тоа ако треба”, рекла таа. Властите понудија награда од 100.000 ранди (околу 4.900 евра) за секој кој може да даде информации за тоа каде се наоѓа девојчето.