Иран ги осуди новите санкции на ЕУ и Велика Британија против Техеран и негираше испорака на балистички ракети на Русија, напиша портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, во објава на „Икс“.
Европската унија вчера се согласи да воведе санкции против седум поединци и седум организации, вклучително и авиокомпанијата „Иран Ер“, поради нивната поврзаност со иранскиот пренос на ракети во Русија.
На листата се Саха Ерлајнс и Махан Ер, како и заменик-министерот за одбрана на Иран Сејед Хамзе Галандари.
Минатиот месец, САД, повикувајќи се на разузнавачки информации за кои рекоа дека биле споделени со сојузниците, рекоа дека Русија добила балистички ракети од Иран за војната во Украина.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи денеска негираше дека неговата земја и доставувала балистички ракети на Русија.
„Некои европски земји и Обединетото Кралство, за жал, без докази тврдат дека Иран воено интервенирал во овој конфликт, што е целосно неточно“, рече Багеи, мислејќи на руско-украинската војна.
Багеи ги осуди новите санкции, велејќи дека наметнувањето нови санкции од страна на Европската унија и Обединетото Кралство врз ирански поединци и ентитети е спротивно на меѓународното право.
Според оваа мерка на ЕУ, во санкциите се вклучени и истакнати функционери на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за патување во Европската унија.