Иран објави дека има законски право да го казни својот заколнат непријател Израел за атентатот што му го припишува во Техеран на палестинскиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије.
„Ние веруваме дека нашето право да ја браниме сопствената национална безбедност, суверенитет и територијален интегритет е неспорно“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Иран, палестинското исламистичко движење Хамас и неговиот либански сојузник Хезболах го обвинуваат Израел за убиството на лидерот на Хамас Исмаил Ханије во средата во Техеран.
Неговата смрт дојде неколку часа по друг напад за кој Израел ја презеде одговорноста. Во израелски напад недалеку од Бејрут е убиен и воениот лидер на либанското движење Фуад Шукр.
„Законско право на Иран е да го казни Израел“, рече Канани.
Загриженоста за можна воена ескалација на Блискиот Исток расте, особено по се почестите закани што Иран и неговите сојузници ги упатуваа кон Израел во последните денови.
„Доколку регионалните влади и меѓународната заедница ја исполнеа својата законска должност и вршеа притисок врз ционистичкиот режим, веројатно немаше да бидеме сведоци на такви немири и ескалација на ризикот од конфликт во регионот“, нагласи портпаролот.
Израелската влада вели дека земјата има „многу високо ниво на подготвеност за секое сценарио – и дефанзивно и офанзивно“.
Главниот сојузник на Израел, САД, најави зголемено воено присуство на Блискиот Исток, особено за да се зголеми поддршката за одбраната на Израел.