Иран даде предлог за прекин на војната и отворање на Ормускиот теснец, пишува „Аксиос“


brod-ormuskitesnec-sad.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Иран достави нов предлог до Соединетите Американски Држави за деблокирање на Ормутскиот теснец и завршување на војната, а воедно ги одложи нуклеарните разговори за подоцнежна фаза, изјавија американски функционер и два извори запознаени со ова прашање.


Новиот ирански предлог го заобиколува нуклеарното прашање со цел да се постигне побрз договор, со оглед на тоа што дипломатските напори се во ќорсокак, а раководството на Иран е поделено околу тоа какви отстапки треба да понуди Техеран, објави „Аксиос“.

Сепак, согласувањето за деблокирање на теснецот и завршување на војната би отстранило клучна препрека за претседателот Трамп во идните преговори. Неговите две основни воени цели се токму елиминирање на залихите на збогатен ураниум на Иран и убедување на Техеран да го запре понатамошното збогатување.

Според тројца американски функционери, се очекува Трамп денес да одржи состанок за Иран со својот врвен тим за национална безбедност. Еден извор рече дека на состанокот ќе се разговара за застојот во разговорите и можните следни чекори. Трамп веќе навести во интервју за „Фокс њуз“ во неделата дека сака да ја продолжи поморската блокада што го задуши извозот на иранска нафта, надевајќи се дека ќе го принуди Техеран да попушти во следните неколку недели.

„Кога имате огромни количини нафта што минуваат низ вашиот систем… ако тој цевковод се затвори од која било причина затоа што не можете да ја внесете нафтата во резервоари или на бродови… она што се случува е дека цевководот експлодира одвнатре. Велат дека имаат само околу три дена пред тоа да се случи“, рече Трамп.

Кризата во разговорите меѓу САД и Иран се продлабочи за време на викендот откако посетата на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, на Пакистан не донесе никаков напредок. Белата куќа објави дека пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ќе се сретнат со Арагчи во Исламабад, но Иранците одбија да го сторат тоа. Трамп му рече на Аксиос дека овој ирански став го навел да го откаже патувањето на неговите пратеници.

„Не гледам зошто би ги испратил на 18-часовен лет во ваква ситуација. Тоа е предолго. Можеме да се справиме со ова исто толку добро преку телефон. Иранците можат да ни се јават ако сакаат. Нема да патуваме само за да седиме таму“, рече Трамп.

Арагчи вчера во Мускат разговараше со омански претставници за Ормускиот теснец, а потоа се врати во Исламабад за втора рунда разговори. Се очекува денес да отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин.

Според два добро информирани извори, Арагчи презентираше план за време на состаноците во Исламабад кој го заобиколува нуклеарното прашање. Еден извор рече дека Арагчи им ставил до знаење на пакистанските, египетските, турските и катарските медијатори за време на викендот дека нема консензус во рамките на иранското раководство за тоа како да се одговори на барањата на САД. Да ве потсетиме дека САД бараат Иран да го суспендира збогатувањето на ураниум најмалку десет години и да го отстрани целиот збогатен ураниум од земјата.

Новиот предлог, кој беше доставен до САД преку пакистански посредници, првенствено се фокусира на решавање на кризата околу теснецот и блокадата на САД. Како дел од договорот, примирјето би се продолжило за подолг период или страните би се согласиле на траен крај на војната. Нуклеарните преговори, според предлогот, би започнале дури во подоцнежна фаза, откако ќе се отвори теснецот и ќе се укине блокадата. Белата куќа потврди дека го примила предлогот, но не е познато дали САД се подготвени да го разгледаат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK