Министрите за надворешни работи на Индија, Бразил и Јужноафриканската Република денеска по состанокот на маргините на Генералното собрание на ОН изјавија дека е неопходна реформа на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Официјалните претставници ја поддржаа легитимната желба на африканските земји да имаат постојано присуство во Советот за безбедност на ОН и ја поддржаа желбата на Бразил и Индија да добијат постојани места во Советот за безбедност.
Министрите истакнаа дека, иако сеопфатната реформа на системот на Обединетите нации останува најважното меѓународно прашање, реформата на Советот за безбедност треба да остане итен и врвен приоритет, се вели во заедничката изјава на тројцата претставници, пренесува РИА.
Се додава дека министрите се разочарани поради, како што наведуваат, парализата забележана во меѓувладините преговори за реформа на Советот за безбедност на ОН, кои немаат транспарентност во методите на работа и кои не доведоа до опиплив напредок во Генералното собрание на Обединетите нации.
Тие повикаа на зајакнување на напорите за постигнување конкретни резултати во утврдената временска рамка, со цел што поскоро да се спроведе сеопфатна реформа на Советот за безбедност.
Министрите ја потврдија својата заложба за проширување на членството во Советот за безбедност со вклучување на претставници на земјите во развој од Африка, Азија и Латинска Америка, како во постојани, така и во непостојани категории, но и со цел да се постигне реформиран, репрезентативен, правичен одговорен и ефикасен Совет за безбедност на ОН, кој ја одразува моменталната глобална реалност, се вели во соопштението.