Илјадници Палестинци синоќа го напуштија бегалскиот камп Џенин на окупираниот Западен Брег за да избегнат конфликт додека израелските сили продолжуваат со големата воена операција.
Палестинската служба за итни случаи на Црвената полумесечина соопшти дека околу 3.000 луѓе биле евакуирани од густо населен дел од кампот.
Заменик-гувернерот на Џенин, Камал Абу ал-Рауб изјави дека тие ќе бидат сместени во училишта и други засолништа во соседниот град. Во кампот живеат околу 18.000 Палестинци.
Портпаролката на агенцијата на ОН за Палестинците, Џулиет Тума потврди дека жителите на кампот си заминуваат, а палестинските медиуми објавија снимка на која се гледа како некои луѓе поминуваат покрај израелските воени возила.
Израелските власти негираа дека наредиле евакуација бидејќи палестинските медиуми објавија дека израелската армија им наредила на жителите да заминат.
Израел вчера рано изутрината почна голема антитерористичка операција во, како што се наведува, жариштето на тероризмот во Џенин.
Израелските медиуми јавуваат дека Палестинците од областа извршиле неколку напади врз Израелците во последниве години, а се верува дека палестинската управа нема доволно контрола таму.
Во операцијата учествуваат повеќе од 1.000 војници и се чини дека е најголемата на Западниот Брег во последните две децении.