Се очекува федералниот дефицит да се зголеми речиси двојно оваа година, од околу еден трилион долари минатата година на два трилиони (илјада милијарди) долари за фискалната година која завршува на 30 септември, пишува порталот „Аксиос“. Нема преседан за толку голем дефицит – надвор од војна, длабока рецесија или пандемија.
Џеф Стајн од „Вашингтон пост“ ја објави во неделата неверојатната проектирана бројка, бидејќи повисоките „плаќања од камати и пониските даночни приходи ја прошируваат нерамнотежата на трошоците во земјата и покрај силниот севкупен економски раст“.
Тој истакна дека по рекордното трошење на владата во 2020 и 2021 година за борба против влијанието на Ковид-19, дефицитот паднал за најголем износ досега во 2022 година, од близу 3 трилиони долари на приближно 1 трилион долари. Но, наместо да продолжи да паѓа на нивоата пред пандемијата, дефицитот нагло се зголеми.
Експертите за буџет сега предвидуваат дека најверојатно ќе се зголеми на околу 2 трилиони долари за фискалната година што завршува на 30 септември, според Комитетот за одговорен федерален буџет, непартиска група која се залага за помали дефицити.
Објаснувајќи ги последиците од новонастанатата ситуација, порталот „Аксиос“ забележува дека ваквата голема нерамнотежа на потрошувачката придонесува за високи каматни стапки за потрошувачите — вклучувајќи ги и хипотеките — на краток рок.
На долг рок, тоа значи дека каматните трошоци веројатно ќе ги потиснат сите други федерални приоритети.
Заедно со повисоките сметки за камати на зголемен долг, се очекуваат и помали даночни приходи и покрај силниот економски раст.
„Силната економија обично го намалува дефицитот, но тоа не се случува овој пат“, пишува Стајн.
Дефицитот е разликата помеѓу парите што ги зема федералната влада и она што го троши секоја година. Кога износот на трошењето го надминува нивото на приходите, има дефицит и Министерството за финансии мора да ги позајми парите што и се потребни на владата за да ги плати сметките.
Државниот долг на САД во моментов е над 32 трилиони долари.