И Ердоган пристигна во Русија; Кремљ: Членството во НАТО не е проблем, Турците можат да се приклучат на БРИКС

briks-EPA.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Рускиот претседател Владимир Путин го отвори самитот на БРИКС во Казан, во Руската Република Татарстан, поздравувајќи го подемот на „мултиполарниот свет“.


Со тој самит Путин сака да го демонстрира неуспехот на западната политика на економски санкции и дипломатска изолација на неговата земја од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Исто така, има намера да го осуди она што Русија и Кина го опишуваат како западна „хегемонија“ во меѓународните односи, првенствено американски. Путин им објасни на лидерите на десетина земји од БРИКС, вклучително и кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди, дека ќе разговараат за најитните прашања, вклучително и решавањето на регионалните конфликти.

„Процесот на воспоставување мултиполарен свет е во тек, динамичен и неповратен“, посочи тој.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој денеска пристигна во Казан, утре ќе разговара со Путин за Украина, соопшти Кремљ.

ОН официјално не го потврдија состанокот, но вчера најавија дека Гутереш ќе разговара со „голем број лидери кои учествуваат на самитот“.

Тоа ќе биде нивна прва средба во Русија од април 2022 година.

„Генералниот секретар ќе ги потврди своите добро познати позиции за војната во Украина и условите за праведен мир врз основа на Повелбата на ОН и резолуциите и меѓународното право“, рече неговиот портпарол, Фарха Хак.

Гутереш често истакнува дека нема место во современиот свет за руска анексија на украинските региони. Шефот на украинската дипломатија во понеделникот оцени дека Гутереш направил грешка со прифаќањето на посетата на Казан.

„Тоа само ќе му наштети на угледот на ОН“, објави тој на „Икс“.

Путин вчера имаше серија билатерални средби, пред се со кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди. Тие земји не ја осудија инвазијата на Украина или анексијата на украинските територии. Путин денеска треба да се сретне со венецуелскиот и иранскиот претседател Николас Мадуро и Масуд Пезешкијан.

За денеска е предвидена билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турција не е членка на БРИКС, но е членка на НАТО и има сложени односи и со Москва и со Западот. На почетокот на септември навести дека може да се приклучи на БРИКС, пред се од економски причини, според аналитичарите.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека членството на Турција во НАТО не е пречка за земјата да се приклучи на БРИКС доколку Анкара така одлучи, пренесе „ТАСС“.

БРИКС е основан во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, а во 2010 година им се приклучи и Јужноафриканската Република. Годинава им се придружија Етиопија, Иран, Египет и Обединетите Арапски Емирати.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK